Фејсбук направи нова промена во Месинџер што може да не им се допадне на сите корисници. Следејќи го примерот на WhatsApp, тие одлучија да ја ограничат можноста за проследување на пораки до најмногу пет лица.

На овој начин, како што тврдат, сакаат да ги заштитат корисниците од дезинформации и штетни содржини.

„Веруваме дека контролирањето на ширењето дезинформации е клучно додека трае пандемијата на коронавирус“, истакнал Џеј Саливан во објава на блогот во врска со приватноста и сигурноста на Фејсбук.

„Сакаме месинџер да биде сигурна и веродостојна платформа за поврзување со пријателите и семејството“, додава тој.

Еднаш кога корисникот ќе означи пет лица или групи на кои сака да проследи порака, Месинџер ќе го предупреди дека досегнал лимит и ќе ги блокира сите неозначени контакти.

Оваа новост беше воведена како дел од новите измени објавени од Фејсбук претходно, во врска со заштитата на интегритетот на изборите, пишува The New York Post. Тие исто така најавија дека една недела пред изборите ќе забранат какво било политичко рекламирање на Фејсбук за гласачите да имаат време да размислат за својата одлука без надворешен притисок.