Индонезискиот остров Бали ќе ангажира 4400 инфлуенсери со цел да го оживее туризмот погоден со пандемијата на коронавирус.

Инфлуенсерите ќе уживаат во бесплатното патување околу Бали од октомври до ноември и ќе ги објавуваат своите искуства на социјалните мрежи како дел од кампањата „Го сакаме Бали“, се вели во соопштението од одделот за туризам на островот.

„Ковид-19 зададе сериозен удар врз економијата на Бали, социјалниот и здравствениот сектор, вклучително и туризмот“, соопшти канцеларијата, додавајќи дека околу 75.000 туристички работници останале без работа.

Целта на кампањата е да се промовира „новата ера на туризам“ во која посетителите мора да се придржуваат до здравствените препораки за носење маски, социјално дистанцирање и редовно миење на рацете, се вели во соопштението.

Бали беше отворен за туристи од другите делови на Индонезија кон крајот на јули, а планот за отворање на странци на 11 септември не успеа како резултат на зголемувањето на случаите на коронавируси.