Пандемијата со коронавирусот ја инспирирала австриската пошта да изработи марки од тоалетна хартија.

Поштенската служба соопшти дека идејата за трослојната марка ја добиле во почетокот на оваа година, кога хигиенските производи станале симбол на карантин и панична продажба.

Меѓутоа, потребни им биле неколку месеци за оваа идеја да се исполни.

„Тоалетната хартија долго во продавниците беше распродадена, па многу тешко можеше да се набави во доволна количина“, наведуваат од поштенската служба.

Марката прикажува слон, животно кое во Австрија се користи како симбол на растојание од еден метар, кое луѓето треба да го чуваат за да избегнат инфекција со коронавирус.

Поштенската марка може да се купи по невообичаена цена од 2,75 евра, затоа што поштенската услуга донира половина од приходот од продажбата на луѓе кои се сериозно погодени од пандемијата.