Да се потсетиме на тоа која е актуелната прва дама на САД, Меланија Трамп.

Актуелната американска прва дама Меланија Трамп ја критикуваа поради се – од изговорените зборови, па се до облеката.

Понекогаш се чинеше дека баш и не е воодушевена со животот во Белата куќа, но 50-годишната Словенка, односно по два века прва американска дама родена во странство, може да го продолжи својот престој во источното крило од Белата куќа за уште четири години.

Меланија Трамп, трета сопруга на Доналд Трамп, е поранешна манекенка и дискретен извор на максимална поддршка (зад камерите) кон американскиот лидер.

Во книгата објавена минатата година, новинарката на Си-Ен-Ен, Кејт Бенет, напиша дека првата дама е „многу помоќна и има поголемо влијание врз нејзиниот сопруг“ отколку што знае јавноста. Меланија отворено повика на оставка на високиот советник на претседателот во 2018 година. И тие навистина му ја покажаа вратата.

Меланија е претежно енигма, барем во политичка смисла. Но, кога намерно се стави во центарот на вниманието, нормално следуваше критика.

Нејзината кампања против злоупотребата „Биди најдобар“ не беше добро прифатена, многумина вперија прсти кон нецивилизираните твитови на нејзиниот сопруг. Нејзините модни избори, исто така, предизвикаа и голем број коментари.

„Првите дами се соочуваат со голем предизвик да завршат работа без конкретен опис на тоа и со скоро постојана критика во јавноста“, изјави за AFP Кејт Андерсен Броуер, автор на „First Women: The Grace & Power of America’s Modern First Ladies“.

„Никогаш не можат да ги задоволат сите истовремено, а некои први дами, како Меланија, имаат повеќе проблеми со тоа од другите.

Гламурозен живот

Родена е како Меланија Кнавс во април 1970 година во Словенија, тогаш дел од Југославија. Нејзината мајка била шивачка, а татко и продавач на автомобили. Студирала дизајн и архитектура пред да замине во Милано, а потоа во Париз за да започне манекенска кариера.

Манекенската кариера ја носи во САД во 1996 година, а две години подоцна го запознава Трамп. Таа станува државјанин на САД во 2006 година, а тоа го опишува како „најголемата привилегија во светот“.

Нејзиното американско искуство е навистина такво, од живеење во раскошен апартман во Трамп Тауер во Њујорк до престој во резиденција на Флорида. Меланија првично не ги поддржувала амбициите на Трамп да влезе во Белата куќа.

“Таа му рекла: „Имаме навистина одличен живот. Зошто сакаш да го направиш тоа?“, посочи Трамп во интервју за Вашингтон пост.

Таа стана првата дама којашто не е родена во Америка во последните два века. Пред неа беше британката Луиза Адамс. Нејзиниот сопруг Џон Квинси Адамс беше претседател од 1825 до 1829 година.

Контроверзен моден избор

Доналд Трамп се пресели во Белата куќа во јануари 2017 година, но Меланија и синот Барон му се придружија во јуни, откако заврши учебната година на 11-годишното момче.

„Со нетрпение ги очекувам спомените што ќе ги создадеме во нашиот нов дом! #Ден на преселување“, напиша тогаш Меланија на Твитер. Но, во Вашингтон, таа брзо се најде во центарот на политичките случувања.

Таа се здоби со презир носејќи високи потпетици во август 2017 година кога отиде да го посети Тексас погоден од невреме, иако се пресоблече во патики пред да излезе од авионот.

Во јуни 2018 година, таа отиде на границата САД-Мексико за да ги види децата мигранти. Таа носеше јакна на која пишуваше „Навистина не ми е гајле, а вас?“.

Дали ги критикувала нејзиниот сопруг, медиумите, нејзината поќерка Иванка? Или, таа само носела јакна што и се допаѓала? Ништо од тоа не беше важно, негативните коментари само доаѓаа.

На ова не и помогна ниту, белиот шлем во колонијален стил на сафари во Кенија, неколку месеци подоцна.

Професорката по историја на Универзитетот во Охајо, Кетрин Џелисон, верува дека би можела да го подобри својот имиџ „со појавување повеќе во јавноста и прифаќање на повеќе интервјуа, но со внимателен избор на зборови и гардероба“.

President Donald Trump walks with first lady Melania Trump before boarding Marine One on the South Lawn of the White House, Tuesday, June 18, 2019, in Washington. Trump is en route to Orlando, Fla., to announce his bid for re-election. (AP Photo/Andrew Harnik)

Смиреност и сочувство

Нејзината најголема сила како прва дама е нејзината способност да покаже смиреност и сочувство, нешто со што нејзиниот маж се бори, особено кога станува збор за горчливите проблеми како ковид-19 и растечките расни тензии.

Иако оваа година не беше толку присутна во кампањата, делумно поради сопствената борба против коронавирусот, нејзиниот говор на републиканската конвенција во август собра пофалби.

„Кога и да му треба за голема изјава со уште поголема поддршка, таа се појавува“, рече Елисон.

„Доналд е борец. Тој ја сака оваа земја и се бори за вас секој ден“, рече Меланија во вторникот на митинг на изборите во Пенсилванија, едно од главните боишта во изборната кампања.

Броуер предвидува дека сегашната прва дама ќе се повлече уште повеќе од јавноста доколку Трамп освои втор мандат.

„Таа е многу повлечена личност“, изјави Броуер за АФП, чија најнова книга „Five: The Presidents Club in the Age of Trump“ беше објавена во мај оваа година.

„И мислам дека ќе продолжиме да бидеме сведоци на нејзината работа, вклучително помагање на зависници од опиоиди и нејзино придружување во уште потрадиционални обврски на првата дама, а помалку на јавната сцена“, додаде Броуер.