Некои ја знаат од најзината авторска емисија “Од своја страна” која се емитува на ТВ Сонце, други од социјалните мрежи на кои има околу 40 илјади следачи, а трети можеби ја знаат по нејзината поезија спакувана во две збирки. Како и да е, атрактивната и талентирана Викторија Петровска никого не остава рамнодушен, а во ова интервју ќе ја запознаеме и одблиску.

Aмбиција. Колку е пресудна амбицијата да се биде успешен во својата работа, знаејќи колку е макотрпен патот до успех на нашите простори?

Јас велам ако немаш амбиција за нештото не го ни почнувај. Тргнувајќи од фактот дека ништо не правам ако морам, туку ако многу сакам, сметам дека амбицијата за мене е пресудна. Така беше од годините на моето детство, од тинејџерските години и пресреќна сум што истата таа амбиција трае до ден-денес.

Потребата за личен напредок, работата на себе и секојдневното учење се моите водилки.

Боја. Низ која боја Викторија го гледа светот?

Светот го гледам низ повеќе бои. Низ бојата на морето и небото кои се соединуваат некаде на хоризонтот давајќи ми слобода. Низ бојата на омилените растенија кои се одмор за моите очи. Низ шареноликоста на најубавите уметнички творби. Понекогаш низ сивилото на моите падови и блескавоста на повторното издигнување…

Вистина. Секогаш или дозволено е да “подлажнуваме” по малку?

Секогаш сум за тоа вистината да излезе на виделина. Макар и била сурова. Не сакам да лажам или да ме лажат од сожалување. Но, луѓе сме, се случува да прекриеме нешто, за кое сметаме дека е подобро да не се знае.

Гордост. Да или не?

Повеќе би рекла достоинство. Тоа ми е најважно. Залудно е да си горд ако не ти е чист образот и ако дозволуваш да ти го допрат достоинството. Затоа внимателно ги одбирам луѓето околу мене.

Добрината постои ли уште во луѓето?

Искрено сакам да верувам дека постои. Ми се потврдило неколку пати тоа, но во денешно време за жал се’ поретко. Верувам дека добрината ќе го спаси светот и дека добиваш онолку колку ќе дадеш.

Ѓаволот е посилен само ако… ЈАС МУ ДОЗВОЛАМ.

Енергија. Каква енергија добиваш од гледачите, оние што те следат на Инстаграм и луѓето околу тебе? Со какви луѓе си опкружена?

Што зрачиш тоа и привлекуваш. Не може да му се допаднеш на секој и тоа е факт.  Но јас велам, оние со слична енергија ‘’кликнуваат’’ на прва. Од годините наназад научив внимателно да ги одбирам луѓето во моето опкружување и да внимавам на кого ја раздавам енергијата. Ако ми влијаеш токсично подалеку од мене – макар ми била и сестра.

Животот е….

Приказна. Ти одлучуваш како ќе си ја создаваш твојата и со кои ликови внатре.

Заедно сме… Заедно сме НАЈСИЛНИ. Само заедно и сплотени ќе ја победиме алчноста, себичноста и омразата кои земаат се’ поголем замав.

Ѕвездите за тебе се… УМЕТНОСТ.

Идеја. Како се раѓа идеја за нов проект (емисија) и колкав е патот до негова реализација?

Идејата се раѓа со многу љубов, голема желба и визија за нештото. Патот од идејата до реализацијата не е лесен, но е секогаш остварлив ако доволно се верува во него и ако знаеш што сакаш и каде одиш. Конкретно идејата и замислата за мојата авторска емисија растеа и се развиваа заедно со мене и сметам дека ова е моментот кога навистинаа требаше да се остварат. Затоа, јас знам да се насмеам и да кажам,  внимавај што посакуваш, може да ти се оствари.

Јавна личност се раѓа или се станува?

Според мене дефинитивно се раѓа.  А како ќе се градиш и ќе растеш зависи од тебе. Велам дека се раѓа, затоа што мора барем она малку основното да си го носиш со себе. Цврсто стојам на ставот дека секој е роден за нешто и секој треба да знае што може,а што не.

Како би опишала еден твој типичен ден?

Кафе во тишина па се’ останато. Хаха.  Денот задолжително ми почнува со телефонски разговор со мајка ми.  Обожавам испланирани и организирани денови. Не сакам залудно да потрошам ниту една минута. Времето е скапоцено.  Затоа  да си го користиме рационално.

Летово го помина…

Летото го поминувам одлично. Организирано и испланирано по мерка. Пред неколку дена се вратив од одмор. За прв пат бев во Албанија на плажа и морам да ја пофалам. Искрено, ми требаше да се одморам и да видам до кај сум. Секое лето си има приказна.

Љубов. Како Викторија ја дефинира љубовта?

Љубов ми е кога некој се грижи дали сум стигнала безбедно дома, како се чувствувам, како ми поминал денот и дали сум среќна.  Се’ друго е љубов во обид.

Музиката е…. дефинитивно лек за се’ .

Надеж. Дали надежта последна умира?

Додека дишам ќе се надевам е едно мото од многуте на кои се потпирам. Да, надежта умира последна.

Њујорк. Би заминала ли во “Големото Јаболко” доколку ти се создаде можност за кариера таму?

Зошто да не. Никогаш не знаеме што ни носи животот па и новиот ден. Сакам промени, сакам нови луѓе и нови места. А, секако и нови шанси

Омилени работи без кои не можеш да живееш?

Мојот мобилен телефон нормално (хаха).  Не би рекла работи, но кога веќе без нешто не би можела да живеам тоа ми е семејството. Мајка ми ми е најдобра другарка.

Политика. Колку те интересира?

Многу. Цврсто сум против тоа дека една жена не треба да ја интересира политика. Напротив, едни од најдобрите политичари во светот се жени. Една образована, успешна и самостојна жена во 21 век според мене мора да следи политика!

Ривалство. Постои ли ривалство помеѓу колегите водители и инфлуенсери кај нас?

Повеќе би рекла дека постои еден мал општ хаос. Кога секој би го работел она за што го бидува и кога секој би си го гледал својот пат, светот па и државава ќе беше подобро место за живеење.

Спорт. Колку е важно да се спортува?

Да ме прашаше пред 5 години ќе одговорев можеби дека ми е сеедно. Но, од денешен аспект сметам и те како дека спортот треба да е дел од нашето секојдневие. И утринска прошетка, и истрчан еден час, за мене значат.

Тек професионалните спортови.  Капа доле за сите спортисти кои не’ прават горди.

Трендови. Колку Викторија ги прати трендовите (модни, музички и сл.)?

Следам се’ што мене лично ми се допаѓа. Општо во животот не сакам наметнати нешта, па така и за ова. Точно знам што сакам, а што не да слушам и да облечам. Никогаш не сум се трудела да бидам ”во ‘тренд’ . Како се чувствувам ми е на прво место.

Ќе има ли нови интересни гости во следната сезона на “Од своја страна”?

Одвај чекам. Ќе има многу инспиративни приказни кои верувам ќе го освојат срцето на гледачите. Луѓето кои создаваат, творат и се натпреваруваат се моите херои на кои им се восхитувам. Ја обожавам мојата работа.

Унивезум. Веруваш ли дека универзумот секогаш има план?

1000%. Секогаш, ама баш секогаш. Законот на привлечност многупати ми се покажал како корисен, така да верувам. Универзумот ќе најде начин!

Фанови. Што ќе им порачаш на оние кои те следат и црпат инспирација од тебе?

Да бидат секогаш свои. Кај луѓето само така ќе оставиш белег и ќе те зборуваат. Па макар и за лошо.

Храброст. Потребна ли е голема храброст да се застане пред камера?

Уф, преголема. Од прво застанување со скоро насолзени очи и ‘што барам јас овде’, до денес без ни малку трема и исто ко дома. Искуството си го прави своето.

Цигара. Порок или релаксирање?

Според еден страстен непушач, порок, ако таа те контролира тебе. Или релаксација ако некогаш ти текне да запалиш.

Човечност. Ја среќаваш ли се` уште?

Ја среќавам. Постои човечност во луѓето. Мислам дека многу не така убави ситуации ни го покажале тоа. Колку што луѓето можат сплотено да дејствуваат, не може никој. Човечноста е доблест. Можеби поретко, но се’ уште е.

Џеп. Празен или полн?

Секогаш полн. Во 21 век работа има за секој кој сака да работи. Јас велам за секого има место под Сонцето. Доста е од жалење и кукање.

Што е следно од Викторија Петровска?

Следни изданија од мојата авторска емисија “Од своја страна’’ на ТВ Сонце.

Многу проекти од есен кои едвај чекам да се реализираат. И неколку интересни новости кои ќе оставам да бидат изненадување за читателите. Ви благодарам.

-текстот не е лекториран со цел да се зачува автентичноста

АВТОР: @lefthand_____