Наши фаци

Ангел Јовевски: Добро е да ја имаш Марија Шерифовиќ за свој ментор!

Радовишанецот Ангел Јовевски успеа да ги освои симпатиите на регионалната публика во најгледаното регионално шоу „Ѕвездите на Гранд“, а за свој ментор ја избра строгата Марија Шерифовиќ која ќе му помага да стигне до спектакуларното финале кое е сон на секој натпреварувач.

Кој е Ангел Јовески? Што очекува од Марија? Каков е приватно? Одговор на овие прашања, но и на многу други побаравме токму од него.

ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ… ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО АНГЕЛ ЈОВЕВСКИ!

Поминаа два месеци од твојот прв настап на Гранд, како гледаш на него сега од оваа временска дистанца?

– Првиот круг помина одлично, чувството е неописливо. Во новата сезона влегуваме со нови сили. Секогаш е важно на почетокот да се претставиш во најдобро светло, бидејќи тоа ти е ветар во грб за понатаму да бидеш уште подобар.

Ја избра Марија за твој ментор, кои се твоите очекувања од неа?

– Како што кажав го добив најдобриот ментор. Марија е правиот избор за мене. Нормално е да имате најголеми очекувања од таква ѕвезда како што е Марија. За многу краток период можеш да научиш еден куп работи.

Какви се твоите очекувања од новата сезона на Гранд во која за прв пат има ментори?

– Искрено секој кандидат има големи очекувања. Мојата цел и задача е да видам колку можам јас да постигнам.

Ти беше и претходно… Со или без ментори, како е подобро?

– Со ментори апсолутно. Без ментори си препуштен самиот на себе. Добро е кога има некој да ти каже тоа е добро, тоа не е добро.

На што најмногу ќе посветиш внимание?

– Нормално најмногу внимание ќе посветам на вежбање, избор на песни, сценски настап и стајлинг. Тоа се четири главни фактори за успех во Ѕвездите на Гранд.

Сега кога успеа да ја освоиш Марија и премина на нејзина страна, кој е следниот член на жирито на кого сакаш да му оставиш силен впечаток и да добиеш глас?

– Најискрено единствениот предизвик ми е да се победам самиот себе, моменталниот јас. Само така ќе дојдеш до посакуваната цел. Не се плашам од никого, бидејќи жирито е таму со една цел: да те оцени како пееш и да те советува за понатаму.

Кој е Ангел и што прави кога ќе се исклучат камерите?

Хаха, Ангел е многу едноставна личност, морам да признаам малку срамежлив, дружељубив, кој сака многу авантури. Немам девојка, не си ставам некој притисок во врска со тоа. Кога треба да дојде ќе си дојде само по себе. Студирам на Економскиот Факултет во Штип, Менаџмент и Претприемништво, 4та година.

Ако не го поседуваше тој моќен вокал, што ќе работеше?

– Да не би бил пејач, сигурно би дал екстремен фокус на економијата.

Имаш ли скриен талент?

– Географија

Следниот круг е после Нова година, што ќе видиме од тебе во меѓувреме и каде публиката може да те види?

– Само што почнав да работам на еден проект. Тоа е кавер-верзија на една стара позната песна која што планирам да ја пуштам во етер пред Нова Година. Моментално публиката може да ме види претежно во Источна Македонија.

Што би им препорачал на другите колеги Македонци во Гранд?

– На колегите им препорачал работа, работа и само работа. Никогаш да не се откажуваат од своите соништа.

Најнови информации

To Top