„Балкан бенд” најавуваат нова песна и спот

Го отворија неодамна одржаниот скопски концерт на Саша Ковачевиќ, во С.Ц. “Борис Трајковски“, промовираа фолк дует насловен “Камикази” заедно со одличен спот, во кој соработуваа со фолк пејачката Сузана Гавазова, издадоа и солистичка песна „Со стари песни, стари другари“ … Ова се само дел од последните нешта на кои активно работеа момците од “Балкан бенд”, за да пред стартот на летото ни најават и нова песна во соработка со Дејан Момировски.

Овој пат, новата песна “Лутка”, која се очекува да биде промовирана во средината на Јуни, ќе биде наменета за балканскиот и македонскиот пазар.

– Деновиве завршуваме со снимањето на аудио верзијата, а веднаш потоа ќе се насочиме и кон реализација на спотот во кој ќе гостува и мега-атрактивната Александра Накова од Скопје, велат момците од бендот.

Музиката е дело на фронтменот на групата, односно на пејачот Александар Тасевски, а текстот на Александар Стевановски.

Она што сега може да се открие, е тоа дека станува збор за интересна и певлива песна со динамичен ритам, песна која го следи моменталниот тренд на балканскиот музички пазар.

Во студиото на Дејан Момировски свој печат ќе остават и пратечките вокали Сара и Ана. Аранжманот е дело на Дејан.