Гоце Бошкоски со поддршка од целото жири на „Гранд“ влезе во третиот круг

Во саботата (29 февруари) се емитуваше уште една епизода од вториот круг на најгледаното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, а во неа доминираше нашиот фантастичен пејач Гоце Бошкоски – Чоки.

Бошковски под менторство на Вики Миљковиќ во вториот круг ги отпеа песните „Странац у ночи“ од Масимо Савиќ и „Прстен и златни ланац“ од Хари Мата Хари, а со нив успеа да ги освои сите 6 гласа од строгото стручно жири и директно да се пласира во третиот круг.

Карлеуша речиси во сите епизоди од ова шоу држи лекции за шоубизнис и за тоа како еден уметник треба да изгледа на сцената, па веднаш прокоментира дека нашиот Гоце изгледа одлично, го пофали за намалувањето на килограмите, но и за комплетниот стајлинг:

– Си станал фраер, многу си ослабел и добро ти стојат очилата. Покрај добро пеење, мораш и добро да изгледаш, му кажа Карлеуша и му препорача да продолжи да работи на себе.

Како потсетување, Гоце Бошкоски – Чоки настапува ширум нашата земја уште од 2004 година, има снимено 10 студиски песни и досега има настапувано на реномираните фестивали Канео фест (2003), Макфест (2003), Еврофест (2007), Охридски трубадури – Охрид фест (2008, 2018 и 2019), но и на интернационалниот Еуро Поп фестивал во Зеница, Босна и Хецеговина (2008) каде што ја освојува наградата за најдобра интерпретација. Во 2011 добива зелена карта и заминува во Америка, но после 4 години одлучува да и се врати на Македонија и да продолжи да ја гради својата кариера. Лани исто така беше дел од „Ѕвездите на Гранд“, негов ментор беше Ѓорѓе Давид и заедно стигнаа до петтиот круг. Бошковски е женет, со сопругата Оливера имаат две дечиња Илија (4) и Илина (1).

https://www.facebook.com/goce.coki/videos/2794874860633318