Иванов до Столтенберг: Неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска беше примен од Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

На средбата се разговарало за евро-атлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО-стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантскиот сојуз.

Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг оцениле дека односите и соработката меѓу Република Македонија и алијансата се на високо ниво и го истакнале придонесот што македонската армија го дава во рамките на меѓународните мировни мисии.

Македонскиот претседател потенцирал дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО нагласувајќи дека е неопходно да го добиеме одамна заслуженото членство во алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион, информираат од Кабинетот на претседателот.

„Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на алијансата, па оттаму неопходно e што побргу да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството“, рекол Иванов.

Тој додал дека земјата ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.

Претседателот Иванов порачал земјите членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со кои се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на алијансата.

На средбата исто така биле разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за приспособувањето на способностите за одбрана, како и одвраќање и справување со овие закани.