Кој булевар во Скопје ќе го носи името на Есма Реџепова?

Кралицата на ромската песна, Есма Реџепова-Теодосиевска, ќе добие булевар во Скопје кој ќе го носи нејзиното име.

По тој повод во Министерството за култура кај министерот Роберт Алаѓозовски беа примени претседателката на хуманираното здружение “Есма и Стево Теодисиевски”, Зорана Костовска, и долгогодишната активистка Мирјана Марковска.

Во разговор со министерот, претседателката Костовска објаснила дека оваа иницијатива за именување на булеварот по името на Есма поодамна тлее не само во здружението, туку и кај луѓето во Македонија кои ја почитуваа Есма како уметник, но и како човек, голем хуманитарец и голема Македонка!

“Воодушевена сум од реакцијата на министерот кој вети дека преименувањето на еден од скопските булевари со името на нашата музичка кралица ќе оди релативно брзо, но сепак дека мора да влезе во законска процедура. Сите ние сме стрпливи, а најважно од се е тоа дека Скопје, како наш главен град, заслужува да има и ќе има булевар со нејзиното име. Впрочем, насекаде низ светот познато е дека улиците и булеварите се именуваат по имињата на познати пејачи, уметници, спортисти, новинари, глумци па, така, и ние можеме, а пред се и сакаме да имаме булевар по името на Есма. Булеварот ќе биде, веројатно, некаде на потегот од Автокоманда, најмногу поради странците кога влегуваат во Скопје, а кои одлично знаат која е Есма, но и да им се објасни и на тој начин зошто ја почитуваме Реџепова. Сепак, локацијата на булеварот уште не е дефинирана, сега-засега е само предлог…”, изјави Костовска.