КОНЕЧНО: Талентираните Македонци можат да се пријават на домашно музичко шоу!

Поп пејачката Елена Петреска како претставник на тимот од Мел Фест и Бане Поповиќ ги споија силите за да започнат проект со кој ќе ја заживеат нашата музичка сцена. Стартува големото талент музичко шоу „Ѕвезда број 1“.

– Караванот тргнува, а сите кои имаат талент и се подготвени да застанат на сцената имаат шанса да си го остварат сонот. Ќе избираме Ѕвезда број еден, а караванот каде талентите ќе можат да се пријават на аудиции, тргнува низ градовите утре. Значи, утре сме во Гевгелија, во 12 часот во Пионерски дом, а потоа и во Струмица, во 18 часот, во клубот Селект. Во недела сме во Кавадарци во 12 часот во Реборн, а потоа од 18 часот во Штип, во Дом на млади. Сите кои имаат желба да станат дел од нашето естрадно небо можат да дојдат и да запеат на аудициите, открива Елена Петреска.

Од понеделник до петок јавноста ќе има можност да ги запознае талентираните Македонци преку 30 минутни емисии.

– Потоа започнуваме со емисиите на големата сцена во кои ќе се натпреваруваат кандидатите кои ќе ја поминат првата селекција. Покрај секојдневните емисии Ѕвезда број еден талент шоуто со голема емисија ќе се емитува секоја седмица, во време траење од два часа, додава Петреска.

Прашавме и за наградите, па Елена ни откри дека првите 10 финалисти ќе добијат песна со видеозапис, додека за победникот ќе се снима цел музички албум и ќе добие договор со продукцијата. Листата со награди допрва ќе се зголемува, а новата ѕвезда ќе ја добиеме за три месеци.