Мартинијан Кириловски: Карлеуша ми кажа дека ќе станам голема ѕвезда во регионот

Приказната на Мартинијан Кириловски со најголемата српска продукција „Гранд“ започнува во 2014 година кога одлучува да се пријави на македонската аудиција за „Ѕвездите на Гранд“ и полека да почне да го трасира својот пат на балканската музичка сцена.

– Мојата приказна со Гранд започна во 2014 година кога се пријавив на првата аудиција која се организираше во Македонија. Самиот себе се убедив дека морам да се пријавам и да стигнам до големото финале и да станам ексклузивец на Гранд Продукција. И еве по 3 натпреварувачки сезони се пласирав во големото супер-финале, кое носи многу нешта. Пофалбите и критиките ги прифаќав подеднакво и бев послушен кога беше вежбањето во прашање, вели Мартинијан.

Мартинијан за Јелена Карлеуша вели дека е лавица која знае да се избори за своето.

– Јелена е најдобриот ментор што го знам. Жена борец и жена лавица која се бори за своето. Интересно е тоа што при секоја наша средба и на менторските часови, ми нагласуваше дека ќе станам голема ѕвезда во регионот, па и пошироко. Тоа ми дава дополнителен напор да работам уште повеќе, како што вели Јелена, најважно од се е самодовербата и мотивацијата, вели Мартинијан за Јелена Карлеуша.

Неговите очекувања се да има спектакуларен настап во големото финале, а за победникот вели дека тоа е работа на публиката.

– Целта во големото финале на ,, Ѕвездите на Гранд ” ми е да направам спекталуларен настап и да отпеам како што треба. Публиката е таа што одлучува кој ќе биде победникот оваа година. Уште еден Македонец победник во Ѕвездите на Гранд…Зошто да не… Одлично звучи, додава Кириловски.

Победникот во оваа сезона добива ексклузивен договор на 9 години со продукцијата „Гранд“, песна и видеозапис, статуа и автомобил марка шкода-рапид. Македонија во големото финале на Ѕвездите на Гранд“ годинава има дури четири претставници. Мартинијан Кириловски, Дарко Коцевски – Даринос, Огнен Здравковски и Филип Пецовски ќе ги бранат боите на македонското знаме и ќе се борат за големата победа.