Мust have во животот

Неодамна случајно го купив српското издание на списанието Elle. Не бев многу импресионирана од истото, страниците беа полни со мода и настани во Србија кои не ми се познати ниту пак ме интересираат, се додека не налетав на неколку интересни статии напишани од разни познати и еминентни личности од Србија на тема животни must have.

Оттогаш постојано размислувам што за мене е must have во животот. Марко Шелиќ Марчело сакаше да напише одмор преку цела страна и така да ја прати статијата, а и јас би се согласила со него. А бидејќи се уште не е време за одмор, решив и јас да напишам нешто на таа тема.

Мораш да имаш трпение и да му дадеш на времето време. Работите не се случуваат преку ноќ и колку побрзо го сфатиш тоа толку побрзо ќе успееш. Со трпението доаѓа и разбирањето, па мораш да имаш разбирање кон најблиските, кон колегите на работа и партнерот.

Мораш да имаш став, а и да си дозволиш да се предомислиш, имањето став не значи со глава да се удира во ѕид и не значи дека ако досега си мислел едно не можеш да го смениш мислењето. Ставот се гради со годините и искуствата и ситуациите и тој е променлив како се околу нас. И тоа е во ред.

Мораш да имаш вкус, без разлика дали е тоа добар или лош, мораш да го имаш. Мораш да знаеш од цела продавница чанти која е за тебе без разлика дали на другарката и се допаѓа. Мораш да имаш вкус за добра музика, дали тоа ќе биде џез, поп, рап, трап или турбо фолк (please don`t), мораш да имаш нешто што ќе те опушти кога ќе останеш сам/а или ќе те расположи во друштво.

Мораш да научиш да кажеш ʺне сакамʺ или ʺне знам ʺнаместо ʺне можам ʺ.

ʺ Не можам да не јадам благо е тотална невистина, како и нʺе можам да вежбамʺ и ʺне можам да научам јазикʺ. За разлика од животните, луѓето се разликуваат по тоа што можат да ги размислат, кажат, контролираат и остварат своите потреби и желби и здрав човек може да направи се освен да лета, оди по вода, оган и сл. Исто така, сосема во ред е да кажеш ʺне знамʺ за да не се избламираш како нашите личности кои наседнаа на провокацијата од новинарите кои ги прашуваа дали ја следат кариерата на измислена светски позната манекенка. Нормално, сите сакаа да одат по нејзините стапки, бидејќи за нив одговор од типот ʺне ја познавамʺ и ʺникогаш не сум слушналʺ не доаѓа во предвид. Мораш да знаеш дека е ок нешто да не знаеш, бидејќи твојот круг на интереси се разликува од кругот на интереси на другите и тоа е сосема во ред (она што го знам е капка, она што не го знам е океан).

И на крај, мораш да не мораш, а да сакаш (повторно Марчело). Се е полесно кога се прави ако се сака, а не затоа што се мора. Ако денес сакаш да го поминеш денот во пижами и Netflix, нека биде така, а ако сакаш да се качиш на Монт Еверест, почни со Водно.

@left__h