Наскоро ќе се читаат „Писма извајани од љубов“

Од културни настани во месец март ќе ја издвоиме промоцијата на книгата Писма извајани од љубов од авторката Ивана Ризаов, за која idol.mk ја имаше честа да напише и рецензија.

Зад делото стои издавачката куќа Ѓурѓа, а книгата е наменета за помладите генерации кои можеби првпат се среќаваат со поимот љубов, како и за постарите кои сакаат да се присетат на првите скокоткања во стомакот, а еве ги рецензиите за истата:

„Над 70 писма во кои една млада душа сака, мрази, се кае, заборава и се надева дека пак ќе сака. Вреди да се прочита.” idol.mk

„Во оваа книга, со многубројни писма во кои се опишува невозможната љубов, но и жедта да се продолжи веќе започната љубов испреплетена со возбуда и страст, како и трепеливи воздишки кои мамат сето ова да трае вечно, младата авторка успешно ги доловува чувствата на една жена која е заробена помеѓу љубовта и лудоста.” – Марина Гоцевска, поетеса

„Понесена од магијата на љубовните бранови, преку искрата која ја носи во себе, писателката преку љубовните писма ни го пренесува она кое го чувствуваме, а не можеме да го искажеме со зборови. Топла, емотивна и нежна. ” – Викрорија Петровска, тв водител

Со пишување Ивана Ризаов се занима уште од најрана возраст и досега има добиено бројни награди и признанија, а ова е нејзина прва книга.

Љубителите на книги наскоро ќе можат да ја купат на kupikniga.mk, или на самата промоција која ќе се одржи на 7-ми Март во Public Room, со почеток во 19 часот.