Од А до Ш со Христијан Тасковски – Таско

Неговите песни имаат милионски прегледи на you tube и дефинитивно важи за еден од најпознатите  “нов бран” македонски артисти, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот.

Има соработувано со Слаткаристика, 2 Бона, Тракер и Јосиф, а секоја песна му е хит и е одлично прифатена од публиката.

Да го запознаеме Таско одблиску.

Aмбиција. Колку е пресудна амбицијата за толкав успех, знаејќи колку е макотрпен патот до успех на нашите простори?

  • Амбициите се една од оние работи кои не тераат да движиме напред. Ако имаш зацртана цел и визија и ако си опкружен со амбициозни луѓе, амбициите растат секојдневно, и со секој нов исполнет предизвик истите се зголемуваат, а и ние се зголемуваме како личности и фигури.

Брат ти Борис и браќата од Урбан Рекордс се секогаш тука за тебе, кажи ни нешто повеќе за нив…

  • Се е кажано хахаха. Ќе се надоврзам на горниот одговор. Сите сме релативно млади и амбициозни, и константно имаме оган и позитивна енергија во нас која не води да креираме константно и без запирање.

Вистина. Секогаш или дозволено е да “подлажнуваме” по малку?

  • Секогаш. Понекогаш знае да боли многу, но кога ќе се соочиш со неа ќе пробаш да најдеш решение. Додека ако “подлажнуваш”, константно ќе живееш во  илузија и заблуда дека тоа што го правиш е во ред, не помислувајки дека штетиш на некого.

Гордост. Да или не?

  • Зависи за што. Ако сте успеале во нешто што одсекогаш сте го посакувале треба да бидете горди на тоа. Искрено не сум горделив човек, меѓутоа ако на една работа сум горд, тоа е дека успеавме заедно со екипата на Урбан Рекордс да донесеме еден различен вид на нова музика и енергија и пресреќен сум поради тоа.

Добрината постои ли уште во луѓето?

  • Секако. Гледам дека младите луѓе се повеќе се насочени кон помагање, и солидарност и тоа ми го полни срцето кога ќе го видам.

Ѓаволот е посилен само ако…

  • Ако успее да ме победи во Баскет еден на еден 😂 !

Енергија. Каква енергија добиваш од фановите и луѓето околу себе? Со какви луѓе си опкружен?

  • Фановите ги сакам и ги почитувам многу. Без нивната поддршка не би бил тука каде што сум. Пред некое време баш им посветив едно Instastory, за да сфатат дека ги гледам и им ја следам работата на сите фанпејџови, додека луѓето околу мене се истите со години, ке се цитирам сам “Иста екипа од деца а се е само за нас” .

Животот е….

  • Slatkaristika ft. Tasko- Maradona (official video) 🤘😂

 Заедно сме…

  • #ganggang 💪

Ѕвездите за тебе се…

  • Мотивација дека небото не е граница. Над него се ѕвездите.

Идеја. Како се раѓа идеја за нов проект и колкав е патот до негова реализација?

  • Па во зависност од комплексноста на проектот. На пример некои песни се направени за еден саат (буквално), додека некои трпат промени до последната минута. Некогаш знае да биде доста исцрпувачки од идеа да се дојде до краен аудиовизуелен продукт кој ќе биде еднакво избалансиран за сите, меѓутоа тоа ни е работа и го работиме со многу љубов.

Јавен настап. Те фаќа ли трема и анксиозност при секој јавен настап?

  • Обожавам настапи, енергијата на настапите секојпат е различна и ниедна публика не е иста. Тремата е присутна секогаш, се до моментот дур не излезам на бина. После тоа е showtime !

Каков е Таско во приватниот живот?

  • Не знам. Прашајте ги другите луѓе околу мене хахахаха. Искрено позитивен лик со кој би се дружел и јас, што знае во секоја ситуација да најде хумор 😂

Лето. Какви спомени ти буди?

  • Најубави. Мразам зима и ладно, сакам лето, сакам плажи, сакам сонце. Некако сите се порасположени летен период и таа енергија е незаменлива.

Љубов. Како Таско ја дефинира љубовта и дали е заљубен?

  • Љубовта е најскапоцениот подарок што некој може да ви го поклони. Се разбира дека сум заљубен,ги сакам моите блиски, брат ми, го сакам моето куче Pac, хахахахах, единственото суштество кое што ја покажува љубовта кон мене и не крие емоција секој пат кога ќе ме види 😂

Музика…

  • Живот. Константно слушам и креирам музика, искрено така би се опишал во еден збор. Дали било вежбање, дали било одмор или работа музиката ми е еден од начините да се искажам, и воедно е вентил за емоции.
  • “The good thing about music is when it hits you, you feel no pain.”

Надеж. Дали надежта последна умира?

  • Да. Сведок сум бил на многу ситуации кога грбот бил до ѕид, но надежта била тука дека ќе се случи чудо. И се случувало. Не секој пад значи дупка. Можеби идеме по удолница за да се залетаме кон угорницата која следи во наредниот момент 💪

Њујорк. Би заминал ли во “Големото Јаболко” да ја продолжиш својата кариера доколку ти се создаде можност?

  • Дефинитивно. Иако многу пати сум сакал да го посетам никогаш не сум имал шанса да го видам градот на соништата, се надевам дека некогаш ќе успеам да правам турнеа во Америка, па ќе имам шанса да го видам Големото Јаболко.

Омилени работи без кои не можеш да живееш?

  • Другари, вода и мобилниот, хааххахаха. Мислам дека е повеќе од јасно на што мислам.

Промоиталиа. Колку ти значи оваа соработка?

  • Искрено како тинејџер имав многу проблематична кожа и константно имав мозолки и акни на лицето, не знаев како да ги третирам и беше многу лошо што резултираше да ми останат трајни лузни. Меѓутоа тимот на „Anti Aging Center by Promoitalia“ ми помага премногу во врска со надворешниот изглед, и ова важи за машките, не сите сме родени совршени, меѓутоа моментално има начин како да ги средите проблемите со лицето, така да не треба да се срамите да корисите препарати и третмани кои ќе ви помогнат да поминете низ таа фаза.

Ривалство. Постои ли ривалство помеѓу колегите на македонската естрада?

  • Како што гледам не, и тоа е супер,меѓутоа конкуренцијата е здрава работа и мило ми е што излегуваат нови ликови кои прават музика, и тоа е за пофалба ! Go for it 🤘

Спорт. Колку е важен спортот во животот на еден човек?

  • Многу. Помага во се, буквално, почнувајки од телото, до фокус, начинот на размислување, и правилно градење на личноста.

Трендови. Колку Таско ги прати трендовите (модни, музички и сл)?

  • Каде и да одам носам нова мода хахахаха. Ги следам сите трендови, живееме во многу брзо време каде што преку ноќ се менуваат многу работи, и ако сакам да останам релевантен морам да ги пратам сите трендови. Но, секогаш на крајот гледам тоа даа биде направено во мој стил 😁

Ќе има ли уште нови проекти  до крајот на оваа 2019?

  • Секако ! Најмалку 3 би требало да излезат и неколку соработки така да спремете се 😁

Урбан Рекордс за тебе претставува….

  • La Familia ! Сила, гордост, млади и амбициозни дечки кои почнаа од минус и идат до крај да ја завршат мисијата која ја започнаа, а воедно е комплетна издавачка куќа од аудио до видео 😁

Фанови. Што ќе им порачаш?

  • Најјаки сте ! Никогаш не престанувајте да креирате и да работите на она што ве прави среќни, на крајот од денот сами сте одговорни за својата судбина и последици така да вие одлучуваате што е правилно за вас.

Храброст. Потребна ли е голема храброст за да се започне кариера во музика? Дали сета таа прожртвуваност се исплати на крајот?

  • Ау да. На оваа тема можам да правам муабет со саати.
  • Храборст треба многу, поготово на југот од Европа каде турбофолкот е најзастапен, треба и да си малце луд да мислиш дека ќе успее некој различен вид на музика. Среќа па не сум сам, до мене се многу храбри и луди луѓе, па успеавме до негде да го докажеме спротивното и да ги убедиме сите дека се исплати на крајот.

Цигара. Порок или релаксирање?

  • Најлошата работа што сум ја пробал во животот. Ги имав оставено подолг период, меѓутоа пак почнав, не знам зашто, ама во план ми е да ги оставам еднаш засекогаш.

Човечност. Прашав погоре, ќе прашам уште еднаш. Ја среќаваш ли сеʼ уште?

  • Дефинитивно.

Џеб. Празен или полн?

  • Со правите луѓе џебот не прави голема разлика. На своја кожа сум ги почуствувал и двете работи, и не е убаво кога е празен џебот, иако некогаш празен џеб значи полно срце, поготово во случаеви каде што други луѓе едноставно немаат финансии и може даа се испразни и да се помогне. 😁
  • Сепак бирам полн џеб, пред празен.

Што по тебе е најважната работа во животот?

  • Среќа, почит, и разбирање. Некако сум растен со овие принципи во животот и многу ценам вакви луѓе, кои се се поретки, мразам лицемери и луѓе кои пробуваат на туѓ грб да стекнат нешто, и кои се смеат во лице а позади грб ставаат пет ножа.
  • Затоа ми се истите луѓе до мене од тогаш до денес и не планирам да ги сменам 😁🤘

@left__h