Од Work & Travel авантура до врвен и ценет готвач – шеф Бобан Лазарески

Денеска ќе ве запознаеме со инспиративната приказна на шеф Бобан Лазарески, врвен и ценет готвач во кујната на реномираниот хотел DoubleTree by Hilton во Скопје.

Неговите почетоци во готвењето се сосема случајни. Како млад студент, Бобан заминува на студентска авантура „Work & Travel“ со цел да го прошета светот и да заработи нешто, но работата во кујната на еден ресторан ќе го натера од друга перспектива да ја види оваа професија. Тука тој има можност да готви за други и да ја види реакцијата на другата страна, па задоволството од позитивните критики ќе го натера да замине во Бугарија и да запише студии по готвење.

– Завршив средно медицинско училиште и како голем број млади одлучив да го искористам слободното време за „Work & Travel“ во Америка. Чиста случајност да започнам работа во ресторан во кујна и да го сфатам готвењето од различна перспектива. Многу е поинаку кога ќе се осети таа жештина и колку е по задоволувачко готвењето за другите отколку за самиот себе. Тука одлучувам да продолжам да се надоградувам со студии во Софија на „HRC Culinary Academy“ каде се стекнувам со диплома за професионално готвење и готвење печива.

Откако ја стекнува дипломата за готвење, Лазарески и официјално ја започнува својата кулинарска кариера. Своето богато искуство го стекнува со работа во голем број ресторани, има добиено многу сертификати и пофалници, а исто така е и извршен член на WAMC Macedonia (World Association of Master Chef- chapter Macedonia).

Лазарески денеска е Junior sous chef во кујната на реномираниот хотел DoubleTree by Hilton во Скопје, a важи за врвен и ценет готвач.