Огнен Здравковски: Во моето срце има посебно место за Марија Шерифовиќ

Велат дека желбите на најблиските се најискрени и најсилни, па затоа и најчесто се исполнуваат. Таква една желба е токму желбата на Олгица Оле Здравковска која посакала да го види својот брат на големата сцена на „Ѕвездите на Гранд“ и го направија првиот чекор, го пријавила на минатогодишната аудиција во Скопје.

Нејзиниот брат Огнен денеска не само што пее на таа сцена, туку и буквално владее на неа, а бројот на фанови постојано расте.

– Прв пат се појавив во минатата сезона на „Ѕвездите на Гранд”. Сестра ми ме пријави и ме убеди да одам на аудиција, но и цело време ми беше поддршка во минатата сезона. Искрено лани и критиките и пофалбите си ги ставав при срце, ама затоа сум премногу благодарен на жирито бидејќи со нивните коментари, исправив многу работи кои што оваа година ме донесоа до финале!!!, раскажува Огнен Здравковски.

Во неговото срце секогаш ќе има посебно место за Марија Шерифовиќ, неговата менторка со која напорно работат изминативе месеци.

– Марија е една предобра девојка со огромно срце. Во мојот живот и во моето срце ќе има посебно место за неа засекогаш! Ќе ја опишам со неколку кратки зборови: искрена, духовита, откачена… Искрено во нашите подготовки од почетокот па се до крајот на „Ѕвездите на Гранд”, се одеше како што треба… Песните ги биравме заедно… Од нејзе добив секакви совети кои што ќе ми значат цел живот во мојата кариера.. и да, да би можело времето да се врати 1 година назад пак да застанам на сцената на Гранд и да бирам ментор пак ќе ја одберам Марија!!! Нашата соработка беше најискрена и ќе ја памтам цел живот!, вели Огнен за Марија.

Македонија годинава има реални шанси повторно да добие победник од ова најпопуларно регионално музичко шоу, но за тоа, потребно е да се гледа финалето и секако, да се гласа!

– Искрено моите најголеми очекувања беа да дојдам до големото финале на Гранд, а сега како ќе се одвиваат работите ќе видиме… Како рекол Бог пред се! А Македонија ако сака да има победник, нека се спреми за 20 јуни да го гледа финалето и нормално да даде поддршка и да гласа!, повикува Здравковски.

Победникот во оваа сезона добива ексклузивен договор на 9 години со продукцијата „Гранд“, песна и видеозапис, статуа и автомобил марка шкода-рапид. Македонија во големото финале на „Ѕвездите на Гранд“ годинава има дури четири претставници.
Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Дарко Коцевски – Даринос и Филип Пецовски ќе ги бранат боите на македонското знаме и ќе се борат за големата победа.