По одлуката за Павле Богоевски, ќе стиге ли правда и за членовите на Левица?

Обвинителството даде одлука за откажување на кривичен прогон за пратеникот Павле Богоевски, а неговиот соборец од шарената револуција, Здравко Савески од партијата Левица обвини за двојни аршини. 

 

„Обвинителството нема да го гони Павле Богоевски. Правилен потег. Немаше основа за кривично гонење. Но, во контекст на тоа што кривичната постапка против нас, членовите на Левица, поради нашето учество во протестите во 2016 година, се’ уште трае – да се повлече обвинението против Павле Боговски, а да не се повлече против нас – ќе да тоа посочува на двојни аршини. За тој што е во власта еден аршин, а за тој што критикува друг аршин.

На 25 јануари повторно ќе се појавам на суд. Судскиот процес трае без малку 2 години, а постапката е буквално на самиот почеток. Ќе дочекам пресуда за помалку од 10 години или во мојот случај на тој начин ме казнуваат за критиките кон претходната и кон сегашната власт – со влечкање по судови што е можно подолго?“, напиша Савески на својот фејсбук профил.

Сличен став има и Мариглен Демири од Левица кој, исто така, смета дека тоа е правилен потег, но очекува и сличен третман.

„Правилен и праведен потег на Обвинителството. Мене инаку рочиштето ми е закажано за на 25 јануари оваа година. Исто и на Здравко Савески. Очекувам сличен третман од Обвинителството“, објави Мариглен на својот фејсбук профил.