Победете ги изговорите, сега е вистинско време за враќање во теретана

Повеќето луѓе се многу бајковити кога треба да се смисли причина за да се прескокне враќањето во теретана и изнаоѓањето на изговори понекогаш им оди подобро од самото вежбање.

Ако сте се препознале, немојте да бидете премногу строги кон себе.

Дури и луѓето кои се најпосветени на вежбање, како што се професионалните фитнес инструктори, понекогаш имаат проблеми со мотивацијата.

Тренинг од две минути е подобар од тренинг од „нула минути“. Фитнес инструкторот Александра Наумовска од ТЦЦ „Гранд Плаза“ ве советува како да се мотивирате за враќање на тренинг после празнициве:

Таа вели дека треба секојдневно да се потсетувате дека било каква форма на тренинг е добра, дури и ако не давате се од себе секој пат.

„Ова не значи дека секој тренинг е полн погодок, но откако ќе се испотите од вежбање, подобро се чувствувате“, додава Александра.

Таа додава дека на своите клиенти секој пат им повторува дека и кратките тренинзи од 20 или 30 минути допринесуваат за конечна цел. Многу се ретки луѓето кои имаат час и половина време за тренинг, но тоа не е причина за да се откажете, вежбајте колку можете секој пат кога можете.

„Мене ми помага да останам мотивирана тоа што сакам да изгледам баш вака како што изгледам“, искрена е Александра.

„Порано гледав фотографии на социјалните мрежи и посакував да имам тело како девојките од тие фотографии“, додава таа.

Иако ја постигнала својата цел, таа и понатаму ги користи социјалните мрежи како извор на инспирација и мотивација.