Реченицата која Барбра Стрејсенд ја претвори во нечувствителна амеба

Луѓето како Барбра Стрејсенд не сфаќаат дека постојат работи кои едноставно не се изговараат – ни во четири ѕида, ни во јавност. Неверојатно е како воопшто мозокот успева да им процесуира мисли кои оправдуваат педофилија.

Да, жената која со својата харизма и талент не пленеше со децении го направи баш ова.

Барбра ја шокираше јавноста со изјавата за Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак кои во документарецот „Leaving Neverland“ го обвинија Мајкл Џексон за сексуално злоставување.

Пејачката, која има 76 години, во интервју за „The Times of London“ изјавила дека тие двајца биле „воодушевени што се таму“ и дека, што и да им се случило таму – „Не ги убило“.

„Може да се каже злоставувани, но тие деца, како што сте слушнале да кажат, биле воодушевени што се таму. И двајцата се оженети и имаат деца, така да тоа не ги убило“, истакнала таа.

Секако тука не застанала со бизарните изјави, па додала дека ги жали нив двајца како и Џексон, и дека сексуалните потреби на Џексон биле само негови сексуални потреби, како и дека за сето тоа се криви исклучиво родителите на жртвите.