СПАСЕН СИЉАНОСКИ: Од војник во АРМ до успешен фолк пејач со бројни хитови

Еден од повеќето „златни грла“ на македонската фолк сцена, кичевчанецот Спасен Сиљаноски го прифати предизвикот на Идол.мк и проговори за сите промени кои се случија кај него во изминатите десет години.

Пред да почне професионално да се занимава со музика и да создава хитови, Сиљаноски имал сосема друга професија на која бил максимално посветен.

– Пред 10 години бев професионален војник во АРМ, млад човек со спортски дух исполнет со патриотизам и врвен професионалец во својата област, и сега е исто, само областа е друга. Војникот денес е пејач, открива Спасен.

Го прашавме и што друго се променило кај него во изминативе 10 години, а тој ни раскажа дека освен што ја променил својата професија, денеска е и сопруг, но и татко на две прекрасни дечиња.

– Јас сум променет, се надевам во позитивна смисла. Десет години за некого се малку, за некого многу, а за мене се доволно. Доволно за да се оженам, доволно за Господ да ми даде две прекрасни дечиња, доволно за да направам успешна музичка кариера, но сепак амбициите никогаш немаат крај. Во период од десет години се случуваат многу работи, сакал или не, така и кај мене, но јас би сакал да ги паметам оние позитивните, фала му на Бога ги има доволно, а тие се како што кажав сопругата, дечињата, кариерата и т.н. Секој човек има желби и соништа, па така и јас, за среќа се што сум помислил, посакал или сонувал делумно ми се остварило благодарение на темпераментот, амбициите и упорноста. Мислите ги прават делата, делата ги формулираат навиките, навиките го прават карактерот, а карактерот го прави човекот, вели Сиљаноски за Идол.

Овие 10 години сними многу песни, но кои од нив станаа хитови и ја одбележаа неговата музичка кариера? Го прашавме Спасен и каде се настапувал, а еве што ни одговори.

– Во овие десет години се снимаа многу песни, голем број од нив станаа хитови. Моите најпознати и најслушани песни се: „Мајка сина прашува“, „На свадба ме канат“, „Бела Дано“, „Давам една лира“, „Јас сум ти мало братче“, а во последниов период најбарана ми е новата „Ќе ти дојдам во зладоба“. Овие десет години ги одбележаа бројните настапи ширум нашата земја, но и турнеите, меѓу кои 5 во Австралија, 3 во Канада, 3 во Америка и уште десетици низ Европа, но ќе кажам дека мојот поход не застанува тука, чувствувам дека се уште имам многу енергија, се уште сум инвентивен да можам да творам, компонирам и пеам македонска музика, едноставно уживам во мојата работа, ни кажа Спасен.

Нашиот популарен фолкер за следните 10 години си посака да патува во вселената, но и да пие кафе со Владимир Путин.

Мојата промена во изминативе 10 години ја објавив, но ако ме прашате  каде би се видел во наредните 10 години искрено, не знам како да ви одговарам. Можам само да ви кажам дека би сакал да останав во ова што го работам, сакам да создавам нови македонски хитови кои ќе се пеат со генерации и на тоа активно ќе работам. Би сакал да го имам првиот вселенски лет, да пијам кафе со Владимир Путин (се смее) и да ја видам Македонија обединета, додава Спасен.