„Ѕвезда број 1„ – Интервју со Елена Петреска

„Ѕвезда број 1„ – новото музичко талент шоу кај нас, дефинитивнo ја раздвижи музичката сцена, бидејќи токму ваков формат на емисија одамна се очекуваше, со оглед на фактот дека години наназад на националните телевизии гледавме и сеуште гледаме слични вакви емисии увезени од други земји.

Елена Петреска, која е дел од жирито, но и од самата организација на ова талент шоу, во пресрет на големата аудиција во Скопје, за нашиот портал открива неколку сочни детали за текот на истото:

1. Од каде потекна целата идеја за стартот на еден ваков формат на шоу како што е „Ѕвезда број 1“?

  • Главниот иницијатор за овој проект е директорот на Мел фест, воедно и креаторот и сопственик на Пиво фест Прилеп, Пеце Стоикоски. На негова покана јас да бидам уметнички директор ја разработив идејата фестивалот кој своевремено беше единственото музичко шоу и отскочна даска на голем дел од македонската естрада, како Тоше Проески, Маријан Стојановски, Дани Димитрова, Симона Поповска, и многу други, да прерасне во една нова приказна наречена Звезда број 1. И да ја продолжи мисијата создавање на нови музички звезди.

2. Колку сте задоволни од тоа како досега, публиката и кандидатите го прифатија овој новитет, со оглед на фактот дека после подолго време од оние златни времиња на „Идол“, „М2“ и слични формати, немавме ништо посериозно и на подолг рок сличен формат?

  • Свесни сме дека помина долго време од златните времиња на македонската музичка сцена. Исто така и фактот на влијанието на соседната музичка естрада. Но впрочем и тоа не испровоцира да создадеме македонски производ, да дадеме шанса на младите да имаат каде да го покажат својот талент во својата земја, а Македонската публика да ја испочитуваме со наш производ. Верувам дека нашиот искрен пристап ќе биде препознаен и дека публиката ќе подржи ваков проект каков сме немале одамна. Впрочем и се чувствува тоа, има многу пријавени кандидати и среќна сум што е така.

3. Едно од најчесто поставуваните прашања на луѓето е како оваа сезона ќе тече целото случување и дали ќе продолжи летово или од Септември ќе има нова сезона?

  • Моментално тече првата сезона која што е планирана да трае 3 месеци. Кога ќе завршат аудициите ќе започнат големите така наречени Гранд емисии на голема сцена. Истите ќе се емитуваат еднаш неделно со времетраење минимум 2 часа. Кандидатите ќе се подготвуваат со своите ментори, и секоја недела ќе се натпреваруваат, за на крајот да останат 10 финалисти кои ќе добијат по една песна и видео запис а победникот ќе потпише договор со продукцијата. Можам да откријам дека на големите емисии ќе има постојано 4-ри члено жири, од кое како што веќе знаете едната сум јас, а со останатите ќе се запознаете наскоро. Еве уште една ексклузивна информација за самиот крај, а тоа е дека петтото столче во жирито ќе биде резервирано за преставник од соседните земји.