Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа изјави дека украинските војници повторно ја заземаат територијата околу главниот град и ја потиснуваат руската армија.
-Нашите бранители напредуваат во регионот на Киев, враќајќи ја контролата врз украинските територии – рече тој.
Зеленски го пофали враќањето на контролата над Ирпин.
– Ирпин е ослободен. Браво! Благодарен сум на сите што работеа на ова. Окупаторите беа оттурнати од Ирпин. Оттурнати од Киев. Сепак, рано е да се зборува за безбедност во овој дел од нашиот регион. Борбите продолжуваат, информира Зеленски.
Зеленски рече дека руските војници продолжуваат да ја контролираат областа северно од Киев и дека ќе продолжат со нападите.
Тој потоа рече дека во војната досега загинале 143 деца, а потоа додаде дека Мариупол се уште е под опсада.
-Руските војници денеска не дозволија да се организира ниту еден хуманитарен коридор, не дозволија прекин на огнот, рече Зеленски.
Тој на крајот појасни дека се договорил со британскиот премиер Борис Џонсон дека земјата ќе продолжи да ја поддржува украинската одбрана и дека ќе ги зајакне санкциите против Русија.