Капитенот на Македонија, Енис Барди, со мајсторија од слободен удар донесе бод за нашиот национален тим (1-1) против големиот фаворит Италија. По натпреварот во Скопје, „рисовите“ останаа во игра за Европското првенство, а следна ќе треба да се победи Малта.
Играчот на Трабзон направи анализа на дуелот со „аѕурите“, против кои Македонија третпат по ред остана непоразена и има позитивен скор.
„Ова беше многу тежок натпревар, игравме против голема репрезентација и фаворит. На терен, мене ми изгледаше дека ние бевме тие со чисти шанси. Добро се браневме, во второ полувреме примивме брз гол. Бевме деконцентрирани, но фала му на Бога се вративме. Горд сум, затоа што пред мечот зборувавме долго и работевме заедно. На сите сум горд, ние сме мала земја, но тука има многу лавови. Горд сум што сум капитен на Македонија, но сите помагаат во тимот и да сум капитен. Ељиф, Столе, Нестор, Аце, Џани… сите си помагаме еден на друг и си олеснуваме. Сакам само да продолжиме вака. Вртиме нов лист со овој меч, мора да размислуваме ментално поинаку. Мора да бидеме паметни и да знаеме кој ни е квалитетот“