Осум лица се повредени во сообраќајна несреќа што денеска се случи пред 15 часот помеѓу патничко и товарно комбе на регионалниот пат Велес – село Извор.
По укажаната прва помош, лицата се пренесени во Општата болница во Велес. Според првичните информации, како што пренесува МИА, лицата се здобиле со повреди на главата, но се надвор од животна опасност.
Портпаролката на Општата болница Велес, Елена Левкова-Ќулумова, за МИА информира дека во болницата сè уште се вршат прегледи на донесените осум лица и на уште неколкумина повредени во сообраќајната несреќа кои во болницата дошле сами.
Екипи на Секторот за внатрешни работи Велес се на терен и вршат увид на местото на несреќата. Поради несреќата, регионалниот пат Велес – село Извор беше блокиран за сообраќај, а од 17:00 часот се одвива наизменично, информираат од АМСМ.