Анализа за метео од Славчо Попоски:
Почитувани наши, пред нас е викенд а сите ние го планираме за релаксација, прошетка или скара. Па во продолжение погледнете ја метео анализата на Славчо Попоски за тоа какво време не очекува за време на викендот:
Продолжува променливото и нестабилно време во Македонија, а исто така ќе бидеме и под влијанието на значително постудената воздушна маса од север и од северозапад. Нови и на повеќе места обилни врнежи од дожд ќе има во недела. Локално ќе има појава и на нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен јужен ветер.
За време на овој влажен бран, локално ќе наврне позначително количество на воден талог (над 25 л.м2). На планините и тоа особено во западните и во северозападните предели, и тоа со надморска височина од над 1200, 1300 метри ќе има врнежи од снег. Очекуваме да се формира и снежна покривка со висина од 10 до 15 cм, локално и до 20 cм na повисоките планини, додека на највисоките планини (над 2000 метри таа би можела да биде и поголема).
Во Скопје и околината исто така особено во недела ќе има нови врнежи од дожд, а во делови од котлината можна е и појава на нестабилност, проследена со грмежи и засилен јужен ветер.
Што се однесува до температурите, и покрај овој студен бран во ноќните и во утринските часови, и тоа поради константната облачност која ќе ја има на повеќе места низ Македонија не се очекуваат негативни температури и појава на мраз, што значи дека тие остануваат над нулата, со исклучок на планинските места каде тие ќе бидат негативни. Во ваква состојба, земјоделците и овоштарите да не стравуваат од појава на мраз.
Максималните дневни температури на воздухот за време на викендот ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 16 степени, додека утре тие во најтоплите централни и југоисточни предели на кратко би можеле да се искачат и до околу 20 степени.
Во Скопје за време на овој викенд температурата ќе се искачува во интервалот помеѓу 14 и 17 степени.
Заследете го Попоски за повеќе информации на фејсбук и инстаграм.