Метео анализа и предупредување на Славчо Попоски:
– Нашата алатка за рано предупредување од појава на невреме НОТАС, и денес за најголем дел од Македонија предвидува ниво 3, тоа значи засилен ризик од појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, за кратко време, силен ветер, силни и чести електрични празнења како и со појава на град – напиша Попоски и пренесе слика од предвидувањето.
Препорачуваме крајна претпазливост во случај на појава на електрични празнења, односно да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја, стои во објавата на „Метео Аларм“.
И во текот на утрешниот ден не очекува променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во јужните делови врнежите ќе бидат пообилни, локално проследени со грмежи и засилен ветер. Во сабота ќе има преодно стабилизирање на времето, а потоа во следните денови во попладневните часови ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневната температура ќе биде во пораст.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено попладне кога локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и изолирана појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 25 степени.