Мајката на Коста Кецмановиќ, момчето-убиец од основното училиште „Владислав Рибникар“, во Вишиот суд во Белград вчера ја негираше вината и ги разбесни родителите на убиените деца кои нејзиното излагање го коментираа со зборовите „Не можам да слушам литературни дела“, како и „имаше доволно лаги“.
Миљана Кецмановиќ, како што пишуваат српските медиуми, се обидела да каже дека и е жал за масакрот што го изврши нејзиниот син на 3 мај минатата година во училиштето во Врачар, а потоа ги шокираше сите присутни во судницата со својот одговор на прашањето од каде и’ е ДНК на чаурата која била пронајдена во училницата по историја каде што малолетниот убиец ги убил своите соученици.
– Оставете ја вашата фантазија на слобода, наводно одговорила Миљана Кецмановиќ на конкретно прашање, но не сакала да објасни дали се точни шпекулациите дека таа лично го наполнила оружјето, пренесува Блиц.
Според обвинителството, мајката на момчето убиец е обвинета за недозволено изработување, држење, носење и промет со оружје и експлозивни материјали. Обвинителството бара затворска казна од две и пол години.
– На почетокот на излагањето, односно излагањето на својата одбрана, таа се обиде, како и нејзиниот сопруг на претходните судења, да се преправа дека е жртва и да покаже сочувство кон членовите на семејството на убиените деца. Таа дури и изрази сочувство, но колкава искреност чувствувале тие родители во нејзините зборови најдобро говори фактот што еден од татковците гласно рекол „Не можам да ги слушам овие литературни дела“, станал и си заминал од судницата – открил извор за Блиц.
Покрај болната атмосфера, вчерашното судење наводно го одбележа и жестока дискусија меѓу адвокатите кои ги бранат родителите на момчето убиец и обвинителот.
– Откако ја изнесе одбраната на мајката на момчето убиец, адвокатите и поставија прашања, но двајцата обвинители се побунија бидејќи прашањата сугерираа таа да даде различни одговори од она што го кажа во одбраната, а се однесува на делот на нејзината одбрана за вежбањето на стрелиштето, на кое таткото го однел момчето, објаснува изворот.
Обвинителите, наводно, неколкупати интервенирале поради „незаконски прашања на одбраната“, но реагирале и родителите на убиената Ема Кобиљски.
– Родителите на Ема Кобиљски останаа во судницата, но во еден момент ни тие не можеа да останат смирени за она за што зборуваат мајката и нејзините бранители, па рекоа: „Доста е со лагите“ – открил изворот.
Да потсетиме, претходно таткото на момчето убиец ја негираше вината, а при сведочењето наводно инсистираше дека „тие се угледно семејство“ и дека не треба да оди „во затвор за нешто што не го направил“.
Продолжението на судењето е закажано за 21 мај, кога мајката на момчето убиец треба да продолжи да одговара на прашањата на родителите на убиените и повредените ученици.