„Пожарот во село Малотино е се уште активен и е проширен во атарот на селото М`гленце и Козјачијата. Куќите се спасени, но теренот е много тежок за гаснење- нема пристап за противпожарно возило, а отежувачка околност во гаснењето е и ветерот кој дува и повторно го разгорува. Опожарена е голем површина на сува трева и нискостеблеста деградирана шума. На испомош во гаснењето со едно возило и два пожарникари беа и припадници на ТППЕ Ранковце“, истакна утринава командирот Далибор Трајковски.
Пожарот во атарот на селото Руѓинце е изгаснат.
Во текот на вчерашниот ден ТППЕ Куманово со 4 возила и 12 пожарникари интервенирала во селата К’шање и Кокошиње. Горат деградирана ниска шума и сува трева, а се работи за голема површина. Пожарот таму е се уште активен, а во текот на вчерашниот ден изгоре една куќа при што има и една жртва- повозрасно машко лице е починато, најверојатно од задушување со чад.
Во Куманово имало повеќе интервенции на пожари од помали размери- во населбата Перо Чичо, спомен костурницата Зебрњак, селото Никуштак, во близина на филтер станицата. Горела сува трева и ниска вегетација, но сите интервенции се изведени во краток временски рок со по едно возило и 3 пожарникари.