Бабата и дедото на поранешниот канадски рагбист Фил Мекензи станаа сензација на социјалните мрежи поради нивната извонредна физичка подготвеност на возраст од 80 и 84 години, објави „Дејли Мејл“.
Нивните импресивни фитнес рутини, кои Мекензи често ги споделува на Инстаграм и ТикТок, инспирираат милиони луѓе низ светот.
Со речиси 500.000 следбеници на Инстаграм и над 870.000 на TikTok, Мекензи ги воодушевува гледачите со видеа во кои неговиот дедо крева тегови и прави по 500 склекови три пати на ден – подвиг што е предизвик дури и за многу помлади луѓе.
Покрај својот дедо, често се појавува и бабата на Мекензи, која редовно шета, води грижа за исхраната и спиењето, и живее активен живот полн со енергија и виталност.
Во едно од своите видеа, Фил истакнува дека редовниот сон, избегнувањето преработена храна и удобната облека се клучни фактори кои ѝ помагаат на неговата баба да остане здрава и активна и во своите осумдесетти.
„Нејзината енергија и сила се неверојатни.
Скокањето од височина од 50 сантиметри на 80 години е нешто што инспирира секого“, додава Мекензи.
Овој неверојатен пар е доказ дека годините не мора да значат слабост или немоќ. Фил нагласува дека тајната на успехот на неговите баба и дедо е упорноста:
„Мојот дедо секогаш се фокусирал на силовите тренинзи.
Намалувањето на калорискиот внес и вежбањето не само што придонесуваат за здравјето, туку и го продолжуваат животниот век и го подобруваат квалитетот на живот.“
Иако намалувањето на калориите може да звучи контроверзно, некои експерти веруваат дека контролирањето на внесот на храна го забавува биолошкото стареење и го подобрува метаболичкото здравје. Сепак, овој пристап носи и ризици, како недостаток на хранливи материи и замор. Но, бабата и дедото на Мекензи покажуваат дека со дисциплина и балансиран начин на живот, вежбањето и правилната исхрана можат да донесат долгорочни придобивки.