Жена од Карпош објави сведоштво на социјалните мрежи, опишувајќи како била сведок на напад врз млада девојка од чопор кучиња.
Според нејзините зборови, нападот се случил неодамна, додека бројни жители на Скопје постојано предупредуваат на присуството на чопори бездомни кучиња низ градот.
На социјалните мрежи се појавуваат и многу снимки кои ја документираат оваа проблематика, што станува сè поголема грижа за безбедноста на граѓаните.
„Добро вечер, утринава бев сведок на многу непријатен, страшен настан, на улица Вич, во Карпош 4, веднаш до градинката, млада девојка додека си го шеташе миленичето ја нападнаа глутница кучиња. Девојката се обидуваше да се одбрани, но беа премногу кучиња околу неа, успеаа да ја соборат на земја, за среќа на помош и притрча маж и успеа да и помогне. Бидете внимателни кога излегувате со вашите миленичиња, а и кога се движите низ населбата. Премногу улични кучиња има во школскиот двор на училиштето Петар Поп Арсов, спроти градинката, во паркот кај Трите убавици, (улица Вич број 24, 26 и 28) секоја вечер има глутници од најмалку десетина кучиња. Живеам на повисок кат и не успевам добро да ги снимам глутниците кои секоја вечер се во паркот, има и спроти Тинексот на Парапунов… Се јавив во Лајка, ми рекоа прати маил, тоа и ќе го направам, но не ми дадоа голема надеж дека нешто ќе се промени, направи….“, пишува во сведоштвото.