Дигиталниот аутизам, познат и како “скринизам,” е развојна состојба кај децата која настанува поради зависност од екрани – мобилни телефони, телевизори, компјутери и таблети. За разлика од класичниот аутизам, кој е трајно нарушување, дигиталниот аутизам е реверзибилен, и со навремена интервенција е можно враќање на детето во нормален развој.
Според психологот Ивана Билиќ од Детската психијатриска болница во Загреб, симптомите на дигитален аутизам се манифестираат до третата година и вклучуваат нарушена комуникација, отсуство на вербални реакции и слабо внимание. Таа објаснува дека екраните создаваат премногу стимулација за мозокот на детето, што води до стрес и развој на зависност.
Класичниот аутизам е невро-развојно нарушување кое не може да се излечи, но симптомите може да се ублажат со терапија. Дигиталниот аутизам, пак, може да се повлече со отстранување на екраните и со соодветна терапевтска поддршка. Образовниот рехабилитатор Јелена Петрановиќ објаснува дека ако се препознае на време, можни се значителни подобрувања во развојот на детето.
Симптомите на дигитален аутизам може да вклучуваат слаби комуникациски вештини, ограничена вербална комуникација, изолирање од други деца и слабо внимание. Родителите кои забележуваат вакви знаци треба да се консултираат со педијатар или стручни лица. Терапии како говорна и физикална терапија, како и вклучување во социјални активности, покажуваат успех ако се применуваат рано и ако родителите доследно ги намалуваат часовите на екранот.
Петрановиќ вели дека прекумерното користење на екрани води до тешкотии во учењето, меморијата, и внимание, а може да предизвика агресивно однесување и емоционални нарушувања. Дополнително, нарушувања како депресија и анксиозност, потешкотии со ракопис и графомоторни вештини сѐ почесто се појавуваат и кај помладите деца, предупредува психологот Билиќ.