Цените на домашниот ајвар станаа вистински луксуз за македонските граѓани, особено кога се работи за „домашниот“ кој се продава на пазарите и преку социјалните мрежи. Цените се движат од 400 до дури 700 или 800 денари по тегла, што за многумина е недостапно.
За оние кои сметаат дека ајварот е скап по цена од 400-500 денари, еве како изгледаат трошоците за негова подготовка.
Пример: за 50 килограми пиперки, чија цена е помеѓу 45 и 60 денари за килограм, и 10-15 килограми модар патлиџан, кој чини од 10 до 20 денари по килограм, почетната инвестиција за состојки е веќе значајна, во зависност од регионот во кој се купуваат. Ако пиперките и модриот патлиџан се набават во продавница или на пазар, цените дополнително се зголемуваат: пиперките се движат од 60 до 90 денари по килограм, а модриот патлиџан од 20 до 30 денари.
Така, вкупниот трошок само за основните состојки е од 2.500 до 5.000 денари, плус околу 500 денари за зејтин и сол.
На тоа треба да се додадат и трошоците за дрва или енергија за печење, а за да се подготви количина од 15-20 тегли ајвар, потребни се најмалку два дена работа, што значи дополнителни средства и време. Со ова, вкупниот трошок достигнува од 6.000 до 8.000 денари.
Ако ајварот се продава по 500 денари за тегла, максималната заработка би била од 2.000 до 4.000 денари, што едвај го покрива трудот и времето вложени во подготовката.