Од 15 ноември започнува задолжителната обврска за носење зимска опрема во возилата. Непочитувањето на ова правило, согласно Законот за безбедност на патниот сообраќај, предвидува глоба од 45 евра во денарска противвредност и можност за исклучување на возилото од сообраќај.
Во Македонија, под зимска опрема се подразбира:
За возила со погон на две тркала:
Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 мм или
Летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4 мм, но со задолжителни синџири за снег во возилото, кои се поставуваат на погонските тркала.
За возила со погон на сите четири тркала:
Зимски пневматици со минимална длабочина на шарата од 6 мм или
Летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4 мм и соодветни синџири за снег.
Синџирите се поставуваат на задната осовина кај возила со постојан погон, а кај оние со преклоплив погон – на постојано вклучената оска.
За автобуси и товарни возила:
Зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат (лопата) ако техничките карактеристики не дозволуваат поставување синџири.
Зимски пневматици се оние што имаат ознака „МС“, „М+С“, „М&S“ или знак на снегулка на стилизирана планина. Пневматици со клинци се забранети во сообраќајот.
Полицијата има право да го прекине движењето на возилото ако возачот не ја користи зимската опрема согласно сообраќајните знаци или, дури и без сообраќаен знак, доколку зимските услови на патот го бараат тоа.